Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува. Започна ослободувањето на трасата за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“!, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„По истекот на рокот за иселување на семејствата чии имоти беа опфатени со завршената експропријација, создадени се услови да продолжиме со следниот, клучен чекор кон неговото отворање. Овој мост предолго беше симбол на застојот и неисполнетите ветувања од моите претходници.
Скопјани го нарекуваа „мостот што води во дневна соба“ и „мостот за ловење риба“.
Зад тие зборови стоеше оправданото разочарување од проект во кој беа вложени пари, а од кој граѓаните со години немаа корист. На тоа му доаѓа крајот.
Мостот конечно ќе ја добие својата вистинска смисла, да ги поврзува луѓето од Гази Баба и Аеродром, да го олеснува сообраќајот и да го скратува времето поминато во градскиот метеж“, соопшти градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски.