Силните институции и одговорното управување со јавните средства се темел на довербата на граѓаните, а ревизијата е еден од клучните механизми за обезбедување контрола, отчетност и спречување на неправилностите. Во таа насока се и двата значајни чекори преземени во изминатиот период – унапредувањето на соработката меѓу Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија и воспоставувањето национален испит и сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор, наведува во објава на Фејсбук министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со Државниот завод за ревизија воспоставивме поцврста институционална основа за заедничко дејствување во заштитата на јавните средства, како и во спречувањето и откривањето на неправилности, измами и коруптивни дејствија. Ова партнерство значи поголема координација, размена на знаења, искуства и податоци, унапредување на професионалните капацитети и примена на европските стандарди. Нашата цел е јасна – посигурен, поефикасен и поодговорен систем на јавни финансии – вели министерката.
Таа посочува дека силен систем не се гради само преку правила и институционални механизми, туку и преку континуирано инвестирање во професионалните капацитети на луѓето кои го спроведуваат системот. Токму во таа насока, за првпат во земјава, преку Министерството за финансии ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор и ќе се воспостави национална сертификација на внатрешните ревизори.
– Со воспоставувањето на националниот испит создаваме услови за посилни професионални капацитети во институциите, поефикасна внатрешна ревизија и дополнително зајакнување на механизмите за законско и одговорно управување со јавните средства. Надворешната и внатрешната ревизија имаат различни улоги, но заедничка цел – јавните средства да се управуваат законски, наменски, ефикасно и одговорно“, истакнува министерката за финансии во објавата.
Димитриеска-Кочоска нагласува дека двата процеса се дел од пошироките активности за унапредување на системот на финансиска контрола и негово приближување кон европските стандарди и практики. И унапредувањето на институционалната соработка со Државниот завод за ревизија и професионализацијата на внатрешната ревизија придонесуваат кон исполнување на обврските и препораките во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, како и кон реализација на реформските процеси предвидени со Реформската агенда.
– Продолжуваме паралелно да ги зајакнуваме институциите, контролните механизми и човечкиот капитал. Секој денар од Буџетот и секое евро од европските фондови се средства на граѓаните, а наша обврска е да обезбедиме тие да се користат одговорно и во нивен интерес – пишува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објавата на Фејсбук.