ЛДП бара одговорност од Владата: „Нема молк кога се величаат осудени за геноцид“


zajkova-ldp-7-7-2026.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ја осудува секоја форма на величење и глорификација на Ратко Младиќ – правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.


„Ова не е прашање на политички став, национална припадност или различно толкување на историјата. За геноцидот нема „друга страна на приказната“ кога фактите се утврдени со правосилни пресуди на меѓународните судови.

Особено е недозволиво ваквата глорификација да биде поврзана со носители на високи државни функции.

Затоа бараме Владата веднаш, јавно и недвосмислено да се огради од постапувањето на министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и да утврди политичка одговорност. Не може Македонија пред Брисел да се повикува на европски вредности, а дома Владата да молчи кога нејзини функционери учествуваат во величење на лице осудено за геноцид.

Ова прашање не завршува со политичката одговорност. Мора да се испита и евентуалната кривична одговорност. Кривичниот законик, во член 407-а, го санкционира јавното негирање, грубо минимизирање, одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста и воени злосторства преку информационен систем, за што е предвидена и казна затвор.

Затоа бараме Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, по службена должност да ги испитаат сите објави, изјави и дејствија поврзани со овој случај и, доколку се исполнети законските елементи, Кривичниот законик да биде применет без исклучок. Државната функција не смее да биде штит од законот.

ЛДП бара и сеопфатна законска рамка со која јасно ќе се забрани јавното величење, афирмирање и промовирање на лица правосилно осудени за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, како и промоцијата на фашистички, нацистички и други тоталитарни и насилни идеологии што поттикнуваат омраза и нетрпеливост.

Таквата забрана мора да важи и при именување и регистрација на здруженија, фондации, клубови, организации, јавни установи, улици, плоштади, манифестации и други јавни обележја, за тие да не можат да носат имиња или симболи со кои се величаат вакви личности, идеологии или злосторства.

Истовремено, образовниот систем мора да биде јасна линија на одбрана од историскиот ревизионизам. Геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства мора да се изучуваат врз основа на историски и правосилно утврдени судски факти – без релативизирање, негирање или претставување на осудени воени злосторници како херои.

Европска држава не се гради со европски пароли, туку со европски вредности. Почитувањето на жртвите и осудата на геноцидот се црвена линија. Нема молк кога се величаат осудени за геноцид. Нема релативизација на злосторствата. И нема државна функција над законот и без политичка одговорност“, се вели во партиското соопштение.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK