Здравствените власти во Италија вчера објавија дека од почетокот на годината се потврдени 432 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил и 17 смртни случаи. Станува збор за болест која се шири и се пренесува преку комарци.
Националниот институт за здравство објави дека стапката на смртност кај невроинвазивните форми на болеста е 7,2 проценти оваа година. Ова е значително намалување во споредба со истиот период минатата година, кога изнесуваше 13,9 проценти. Минатата година имаше речиси исто толку случаи на инфекција, 430, но значително повеќе смртни случаи, 27.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку комарци и, покрај луѓето, првенствено ги погодува коњите и птиците. Поголемиот дел од заразените луѓе, околу 80 проценти, не развиваат никакви симптоми. Околу 19 проценти од заразените доживуваат симптоми слични на грип, додека еден процент од пациентите развиваат потешки, невролошки компликации.
фото/Depositphotos