Македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Руини“ на визуелната уметница и истражувачка Елена Чемерска се одржа на 24 август во Куршумли ан. Премиерите на македонските филмови на „МакеДокс“ секогаш предизвикуваат голем интерес кај публиката и Куршумли ан беше исполнет до последното место.
Враќајќи се во својата земја за да реставрира модернистички споменик изграден од нејзиниот покоен татко, режисерката Елена Чемерска открива дека обновата на архитектурата е неразделна од соочувањето со сопствената тага. Додека архивските снимки се преплетуваат со процесот на реставрација, споменикот станува место каде што личната меморија и колективната историја се спојуваат. Преку ова интимно патување, филмот размислува за загубата, наследството и кревката врска меѓу архитектурата, сеќавањето и идентитетот.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар и РТВ Словенија во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од „Хартефакт фонд“. Продуцент е „Синема футура“ во копродукција со „Минимал колектив“ од Македонија, „Рестарт“ од Хрватска и „Потем“ од Словенија, и во соработка со „Филмтрик“.
Продуценти се Иван Унковски, Ивана Шекуткоска и Елена Чемерска; копродуценти се Оливер Сертиќ и Ивана Нацева, а извршен продуцент е Атанас Георгиев. Кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажата е на Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор на музиката е Игор Василев Новоградска, а дизајнер на звук Лука Гамулин. Заедно со режисерката, голем дел од филмската екипа присуствуваше на премиерата на филмот на „МакеДокс“.
Во разговорот по проекцијата на филмот, Елена Чемерска искрено и длабоко се заблагодари и на целата екипа што работеше на нејзиниот филм и на целата публика присутна на премиерата. Во освоето обраќање таа одговори дека и покрај обврските со снимањето на филмот, успеала да работи и на своите уметнички проекти, за кои, исто така, е потребна посебна концентрација.
Во однос на филмот, прво почнала да ги подготвува проектите за ревитализација на „Споменикот на слободата“ во Кочани, а потоа се појавиле и видеоархивите со нејзиното семејство, кои ја даваат душата на филмот. Така сфатила дека треба да научи како се прави документарен филм за да може сите нејзини замисли да добијат филмска визуелна форма.
Посетителка на премиерата во обраќање кон режисерката констатираше дека филмот покажува дека „личното е политичко и политичкото е лично“, следејќи го дејството во филмот и сите препреки кои излегувале пред Чемерска во обидите да ги добие сите можни дозволи од надлежните институции за да биде можна реставрацијата на споменикот. Таа кажа и дека споменикот, по неговата реставрација, веќе се користи како простор за уметнички фестивали, за што ѝ заблагодари на режисерката за нејзината упорност и борбеност да го изведе целиот процес до крај.
Во однос на значењето на споменикот, Чемерска истакна дека секој споменик живее само тогаш кога луѓето се покрај него, односно кога има парче уметност, тоа предизвикува емоции и ги повикува луѓето да се поврзуваат со него.
Документарниот филм „Руини“ на Елена Чемерска беше втората македонска премиера на 17. „МакеДокс“.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 20 до 27 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, „Лабораториум“ и Албански театар во Скопје.
Комплетната програма на 17. „МакеДокс“ може да се најде на официјалниот сајт: https://makedox.mk/mk/program/