Утре Советот на Општина Пехчево ќе гласа за иницијатива за изградба на дата-центар на пет парцели во Панчарево. За ваков објект, кој потенцијално може да биде огромен потрошувач на електрична енергија и вода, јавноста не знае речиси ништо: нема објавен инвеститор, нема податок за потрошувачката на струја, нема податок за потрошувачката на вода, нема информација за потребната инфраструктура, нема анализа за економската корист, нема јавна расправа. И покрај тоа, советниците треба да гласаат. Па се поставува прашањето: кој толку брза да ја распродаде иднината на Пехчево, велат од Левица.
Студиите, како што наведуваат, веќе покажуваат што значи ваквиот модел.
„Во најново истражување објавено во Nature Communications, научници предупредуваат дека дата-центрите бараат огромни количества електрична енергија и вода и можат да ги зголемат локалните трошоци за електрична енергија. Истражувањето спроведено во Германија покажува дека поддршката за изградба на дата-центри значително се менува кога граѓаните се соочуваат со прашањата за цената на струјата, влијанието врз животната средина и локалната економија. Ова се реалните последици за кои Левица константно предупредува: некој мора да ја обезбеди струјата, некој мора да ја изгради инфраструктурата и некој на крајот ја плаќа сметката“.
Европа, додаваат од оваа партија, веќе се соочува со проблеми. Во Ирска, како што посочуваат, земја која со години агресивно го привлекуваше овој тип капитал, дата-центрите во 2025 година достигнаа 23% од целата измерена потрошувачка на електрична енергија, наспроти само 5% во 2015 година.
„Затоа низ Европа сè почесто се отвора прашањето дали и под кои услови треба да се дозволува нивната изградба, а локалните заедници се спротивставуваат на проекти поради притисокот врз струјата, водата и просторот.
Токму затоа Левица во Собранието се спротивстави на измените на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање со кои дата-центрите се прогласуваат за објекти од национално значење и се воведуваат забрзани постапки. Ние предупредивме дека пред државата да отвора врата за вакви проекти мора да знаеме кој инвестира, колку струја ќе троши, колку вода ќе троши, кој ќе ја гради потребната инфраструктура, кој ќе ја плаќа и што конкретно добиваат граѓаните“.
Според Левица, не може државата да обезбедува ресурси и инфраструктура, а приватниот инвеститор да ја зема добивката.
Енергетските ресурси на Македонија, нагласуваат од таму не се неограничени. Во услови кога, како што велат, граѓаните плаќаат скапа струја, кога домашното производство и енергетската независност треба да бидат приоритет, сосема е наопаку огромни количества електрична енергија да се канализираат кон дата-центри чиј инвеститор и економски ефект не се ни обелоденети.
„Мегаватите што ги имаме треба да ги користиме за домаќинствата, јавните услуги и домашното производство, а не да ги подаруваме како услов за туѓ профит.
Ако на ова се додаде и потрошувачката на вода, притисокот врз земјиштето и влијанието врз природата, станува јасно дека не станува збор за уште една обична градба. Станува збор за долгорочно определување на тоа за кого и за што ќе служат ресурсите на Пехчево. И токму затоа е скандалозно што граѓаните се последни што дознаваат, а советниците први треба да кренат рака.
Утре одлуката е во рацете на советниците од ДПМНЕ, ЗНАМ и СДСМ, како и градоначалникот Александар Китански од ДПМНЕ, под чие раководство се турка оваа иницијатива. А особено лицемерно е што токму градоначалникот пред изборите ветуваше „чиста и енергетски ефикасна општина“. Китански тогаш зборуваше за чистиот воздух, реките и природата на Пехчево како вредности на општината и ветуваше дека ќе работи за енергетски ефикасно Пехчево. Денес, под негово раководство, се отвора пат за објект чија основна функција ќе биде континуирано трошење огромни количества електрична енергија. Од енергетски ефикасна општина до енергетска база за дата-центар – тоа ли е „сигурната иднина“ што ДПМНЕ му ја вети на Пехчево?“.
Китански, според Левица, треба да објасни зошто Пехчево треба да го става својот простор, електричната енергија, водата и инфраструктурата во функција на дата-центар, наместо тие ресурси да се насочат кон развој што ќе носи реална и трајна корист за локалното население. „Ако станува збор за инвестиција што наводно ќе му донесе развој на Пехчево, нека покаже колку работни места ќе останат по изградбата, колку приходи ќе има општината, колку струја и вода ќе се троши и колкав ќе биде јавниот трошок за нејзиното функционирање“.
Ги повикуваат советниците да се вразумат, да го слушаат гласот на народот и да гласаат против како што ја нарекуваат, скандалозната одлука. „Ги повикуваме и граѓаните на Пехчево да го кренат гласот и да не дозволат зад нивен грб да се носи одлука која може трајно да го определи користењето на нивните ресурси“.