Во Собранието денеска се одржа Сесија на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, посветена на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина.
На сесијата се обратија потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, амбасадорката на Украина, Лариса Дир, пратеникот Оливер Спасовски, како претставник на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене и в.д. амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора.
Потпретседателот Милошоски, во име на Собранието и во свое лично име, упати честитки до Украина и украинскиот народ по повод Денот на независноста, истакнувајќи дека овој ден е симбол на слободата, суверенитетот и правото на секој народ самостојно да ја определува својата иднина. Во чест на жртвите кои Украина ги даде и продолжува да ги дава во борбата за својата независност, тој ги повика присутните на едноминутно молчење.
„Поддршката која нашата држава ја дава за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална. Секоја држава мора да има можност самостојно да ја одбере својата иднина и своите партнери“, истакна Милошоски.
Амбасадорката Дир ја нагласи важноста на меѓународната поддршка за Украина, посочувајќи дека солидарноста од меѓународните партнери претставува дополнителна сила за украинскиот народ. Таа укажа дека руската агресија секојдневно одзема невини животи и претставува закана за безбедносниот поредок во Европа.
Пратеникот Спасовски упати честитки по повод независноста на Украина и потсети дека Собранието уште на почетокот на руската агресија усвои Декларација за поддршка на Украина. Тој порача дека окупацијата во 21 век не може да создаде право, ниту, пак, со сила може да се менуваат границите на суверените држави.
Амбасадорот Ле Риголер посочи дека со одбраната на Украина се брани и безбедноста на европскиот континент. Тој истакна дека Франција од почетокот на војната обезбедува дипломатска, финансиска и воена поддршка за украинскиот народ, притоа нагласувајќи дека Франција цврсто стои на ставот дека местото на Украина е во Европската Унија.
Германската амбасадорка Дрекслер оцени дека Украина денес се бори не само за своите права и слобода, туку и за целокупниот европски безбедносен поредок. Таа информираше дека германскиот Бундестаг ја осудува руската агресија и обезбедува целосна поддршка за Украина.
Амбасадорката на Литванија, Дамбраускиене, истакна дека украинскиот народ ги брани своите основни права и слободи. Таа посочи дека Литванија, водена и од сопственото историско искуство, стои рамо до рамо со Украина од првиот ден на агресијата и продолжува да обезбедува политичка и финансиска поддршка.
Не може да се зборува за безбедноста на Европа додека се соочуваме со воена инвазија на европскиот континент – рече полскиот в.д. амбасадор Бримора. Тој потсети дека Полска ги отвори своите врати за украинските граѓани, при што денес во земјата легално живеат и работат повеќе од еден милион Украинци.
По завршувањето на сесијата, во Кристалната сала на Собранието беа отворени две изложби – „Враќање на сеќавањето на Херсон“ и „Светското наследство на Украина под заштита на УНЕСКО“. Во рамки на настанот беше претставен и македонскиот превод на романот на Васил Шкљар „Црниот гавран: останатиот“.