(Видео) Ангелов: Нов силен шумски пожар кај Пехчево, ер-тракторите пренасочени кон границата со Бугарија


screenshot-2026-08-23-165856.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Нов силен шумски пожар избувнал во борова шума во близина на границата со Бугарија, на територијата на Општина Пехчево. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека поради новото жариште трите ер-трактори биле пренасочени кон пожарот, со цел да се интервенира додека огнот сè уште може да се стави под контрола.


„Ќе се обидеме да му зададеме почетен удар пред да се развие во тежок пожар, затоа што боровата шума тешко се гаси. Ако се разгори, овде ќе имаме многу тежок проблем“, изјави Ангелов.

Градоначалникот на Пехчево, Китански, веќе бил упатен кон местото на пожарот.

Овој пожар е едно од повеќе од 20 жаришта на отворен простор со кои денеска се соочува земјава. Дел од пожарите се изгаснати, дел се под контрола, но повеќе се уште се активни.

Меѓу посериозните е и пожарот кај селото Бигла, на патот меѓу Македонска Каменица и Делчево. Пожарот е ставен под делумна контрола по воздушната интервенција на трите ер-трактори, како и по ангажманот на пожарникари од Делчево, Берово, Кочани, Виница и околните места.

Во гаснењето учествуваат и доброволни пожарникари, локалното население, Национални шуми и локалната самоуправа. Според Ангелов, направени се противпожарни пресеки со кои треба да се спречи ширењето на огнот, поради што во моментов не е загрозено селото Бигла.

Активен е и пожарот на планината Китка, на територијата на Општина Студеничани, кој во текот на ноќта го загрозувал селото Палиград. Селото е безбедно, а на терен се локалните пожарникари од Град Скопје, со поддршка на огнени тимови на ДЗС. Гаснењето е отежнато поради исклучително тешкиот планински терен.

Пожарот над селото Драгов Дол, на територијата на Општина Македонски Брод, е активен веќе неколку дена, но значително е намален. На терен е огнен тим на ДЗС, кој втор ден работи на негово локализирање. Ангелов очекува пожарот наскоро целосно да биде изгаснат.

Во Мариово, пак, пожарот кој со денови беснееше денеска е целосно изгаснат. Во текот на ноќта огнот го загрозувал селото Бонче, но бил запрен со ангажман на доброволци преку огнените тимови на ДЗС и пожарникари од Прилеп. Пожарот подоцна повторно се активирал на еден крак, но и тој бил изгаснат. На терен остануваат екипи кои ќе дежураат за да спречат повторна реактивација.

Под целосна контрола е и пожарот кај кумановското село Винце, каде што огнот зафатил две стари и напуштени куќи. Според Ангелов, престанокот на ветерот им овозможил на пожарникарите целосно да ја стават ситуацијата под контрола.

Целосно изгаснат е и пожарот во близина на мавровското село Церово, каде што екипи на Национални шуми остануваат на терен за да спречат повторно активирање.

Под целосна контрола е и пожарот на територијата на Општина Желино. Огнот не ги загрозува блиските викендици, овошните и лозовите насади.

Ангелов предупредува дека условите за справување со пожарите стануваат сè потешки поради високите температури.

„Битката со пожарите е полоша од ден на ден, температурите и понатаму се високи. Апел: внимавајте да не предизвикате пожар, доволна е само искра за вистинска катастрофа“, порача директорот на ДЗС.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK