Голем шумски пожар кај Бигла, во гаснењето се вклучуваат три „Ер трактори“ и хеликоптер


pozari-avioni-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Голем шумски пожар беснее во борова шума во близина на селото Бигла во Делчевско, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.


„Денес околу 10 часот неодговорно лице палело гуми во својот дом во село Бигла, кое што е село од разбиен тип, односно се наоѓа на неколку ридови. Притоа изгубил контрола врз огнот и огнот се проширил во блиската шума“, изјави Ангелов.

Тој вели дека надлежните институции преземаат мерки за да се спречи ширењето на огнот кон куќите.

Од страна на градоначалникот веднаш биле ангажирани просторните сили на Делчево, а на терен се и пожарникари од градот. Побарана е помош и од соседните противпожарни единици.

Во гаснењето ќе бидат вклучени и три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека веќе е упатен и полициски хеликоптер.

Дополнително, ангажирана е тешка механизација, вклучително и трактори и булдожери, кои треба да направат противпожарни пресеки меѓу пожарот и селото, со цел да се спречи загрозување на домовите.

„Правиме напори овој пожар да се стави под контрола“, рече Ангелов, нагласувајќи дека специфичноста на Бигла дополнително ја отежнува ситуацијата.

Во пожарот има и лица кои вдишале поголема количина чад. Ангелов информираше дека лицето за кое се наведува дека го предизвикало пожарот, заедно со еден пожарникар и еден припадник на просторните сили, превентивно биле однесени на лекарски преглед.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK