Хакери поврзани со иранските власти успеале да предизвикаат прекин на работата на британска електрана, што се смета за прв ваков случај во Велика Британија и најуспешен сајбер напад од овој тип поврзан со Техеран.
Според „Дејли телеграф“, нападот се случил минатиот месец, во период кога биле регистрирани и серија сајбер напади врз американската водоводна инфраструктура во 12 сојузни држави.
Британските власти не откриваат која електрана била цел на нападот поради безбедносни причини. Сепак, според сознанијата на весникот, објектот бил надвор од функција четири дена, додека вработените се обидувале повторно да ги активираат системите.
Станувало збор за релативно мала електрана, поради што инцидентот не предизвикал нарушување на снабдувањето со електрична енергија во Велика Британија.
Нападот бил пријавен во Националниот центар за сајбер безбедност (NCSC), огранок на британската разузнавачка служба GCHQ, кој им помага на компаниите да ја заштитат критичната инфраструктура од странски сајбер закани.
По инцидентот, британската влада ги информирала директорите на енергетските компании и им доставила упатства за зајакнување на безбедноста и постапување во случај на нови напади.
Иако нападот не предизвикал пошироки последици врз електроенергетскиот систем, британските власти стравуваат дека неговата цел можеби била да се покаже дека хакери поврзани со Иран можат да добијат пристап до системи на чувствителна инфраструктура и да ја нарушат нивната работа.
Британските и американските разузнавачки служби со години предупредуваат на активностите на хакерски групи поврзани со Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, кои таргетираат критична инфраструктура и владини институции.
Слични напади во САД во јули погодиле десетици постројки за третман на отпадни води. Во некои случаи дошло до поплави и пад на притисокот во водоводната мрежа, а локалните власти им препорачале на граѓаните да ја превриваат водата пред употреба.
Првите извештаи за нападите се појавиле во Минесота, по што биле регистрирани слични инциденти и во Мичиген, Џорџија, Јужна Дакота и Њу Џерси. Американското Федерално истражно биро (ФБИ) првично ги опишало нападите како дело на „злонамерни сајбер актери“, додека подоцна американски владини извори за медиумите изјавиле дека заканата најверојатно потекнувала од Техеран.
Според „Дејли телеграф“, Иран значително ги засилил сајбер активностите против западните земји по ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток. Сомнежи за ирански сајбер напади во изминатиот период постоеле и во Германија, Полска, Финска, Белгија и Албанија.
Иако четиридневниот прекин на работата на британската електрана немал влијание врз националната мрежа, случајот повторно ги отвори прашањата за ранливоста на критичната инфраструктура на сајбер напади.