Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од своето формирање, со свеченост пред Офицерскиот дом, на која беа истакнати нејзината улога во безбедносниот систем и заложбите за натамошна модернизација и професионално усовршување.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем.
„Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни“, истакна Тошковски.
Тој посочи дека современите безбедносни ризици бараат модерна опрема, специјализирана технологија и врвно обучен кадар.
„Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време“, рече Тошковски.
Командантот на ЕБР, Стојанче Николов, нагласи дека 25-годишниот јубилеј е повод за гордост, но и потсетник на одговорноста што ја носат припадниците на единицата.
„Одбележуваме четврт век единство, пожртвуваност, дисциплина, професионалност и служба. Одбележуваме 25 години Единица за брзо распоредување“, истакна Николов.
Во рамки на одбележувањето беше изведена тактичко-показна вежба, преку која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност. Посетителите имаа можност да ја разгледаат и специјализираната опрема што ја користи единицата.
По повод јубилејот беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов.
Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а признанија добија и повеќе лица за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР.
Вкупно 33 припадници на единицата добија плакети за 25 години поминати во ЕБР.