Хаос на Купот на Германија: 35 полицајци повредени, навивачи фрлаа огномети и предизвикаа пожар


germanija.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Триесет и пет полицајци беа повредени, а неколку фудбалски навивачи беа приведени во нередите на синоќешниот натпревар од Купот на Германија меѓу Валдхоф Манхајм и Кајзерслаутерн, соопшти германската полиција.


Вкупно 85 лица побарале медицинска помош, а осуммина биле префрлени во болница, пренесува ДПА.

Околу 23.500 гледачи го следеа натпреварот на стадионот „Карл-Бенц“ во Манхајм, меѓу кои околу 3.500 гостински навивачи.

Атмосферата на трибините била вжештена во текот на целиот натпревар, при што постојано биле активирани пиротехнички средства.

Ситуацијата ескалирала пред крајот на натпреварот. По конфронтација меѓу играчите, дел од навивачите на Кајзерслаутерн испукале огномет во просторот за седење на трибините, по што навивачите на Манхајм влегле на теренот.

Полицијата интервенирала за да ја стави ситуацијата под контрола, а на гостинскиот дел од трибините бил предизвикан и пожар, кој бил изгаснат од пожарникарите.

Натпреварот накратко бил прекинат, но по смирувањето на ситуацијата продолжил.

Полицијата истражува повеќе сомнителни прекршоци, меѓу кои напад, оштетување имот, нарушување на јавниот ред и мир, напади врз полициски службеници и прекршување на законите за експлозиви.

„Ова не беше нормално дерби. Секој што го злоупотребува фудбалот како сцена за насилни ексцеси, намерно ги загрозува другите навивачи и, пред сè, ги повредува безбедносните сили, не е навивач, туку криминалец“, изјави министерот за внатрешни работи на Баден-Виртемберг, Мануел Хагел.

Кајзерслаутерн го доби натпреварот со 1-0 со гол во последната минута од продолжението и се пласираше во второто коло од Купот на Германија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK