Јужноафриканскиот боксер Золани Тете, поранешен светски шампион во две категории, е убиен пред својот дом во Мдантсане, Јужна Африка, во петокот вечерта. Имаше 38 години.
Според првите информации од полицијата, Тете пристигнал пред куќата околу 18:30 часот и чекал во автомобилот да се отвори вратата од дворот. Во тој момент двајца вооружени и маскирани напаѓачи излегле од второто возило и почнале да пукаат.
27-годишна жена била во автомобилот со Тете и таа била погодена неколку пати. Веднаш била однесена во болница, каде што останува. Тете се обидел да избега, кога влегол со авртомобилот во дворот, но се здобил со смртоносни повреди. Напаѓачите избегале и полицијата е во потрага по нив.
Смртта на еден од најуспешните јужноафрикански боксери ја потврди министерот за спорт, уметност и култура Гејтон Мекензи.
Тој нагласи дека не сака да шпекулира за мотивот или сторителите додека трае полициската истрага.
„Република Јужна Африка го загуби еден од најдобрите борци што некогаш ги имала. Нема зборови што можат да го компензираат неговото семејство за она што го изгубија“, рече тој.
Тете беше еден од најуспешните јужноафрикански боксери од својата генерација. Тој ја освои светската титула во супер мува категорија на ИБФ во 2014 година со победа против Теиру Киношита во Јапонија, а потоа се искачи во горната дивизија. Тој ја освои светската титула во бантам категорија на ВБО откако го победи Артур Вилануева во 2017 година, и го држеше појасот до 2019 година, кога беше поразен од Џон Риел Касимеро со нокаут во третата рунда.
Во својата професионална кариера, тој постигна 29 победи, од кои 22 со нокаут, со четири порази и еден нерешен меч.
Тете си обезбеди посебно место во историјата на боксот на 18 ноември 2017 година во Белфаст, кога го нокаутира сонародникот Сибонис Гонју по само 11 секунди борба за титулата на ВБО. Тој го собори Гонју со првиот удар, со десно кроше по околу шест секунди.
Судијата набрзо ја прекина борбата, а Гинисовата книга на рекорди сè уште го држи тој меч како најбрза победа со нокаут во боксерски натпревар за шампионската титула.
Тете последен пат се бореше во јули 2022 година во Лондон против Џејсон Канингем. Тој победи со нокаут во четвртата рунда, но резултатот потоа беше поништен откако беше позитивен на забранетиот станозолол.
Британските антидопинг власти го казнија со четиригодишна суспензија што траеше од 30 јули 2022 година до 29 јули оваа година. Тете цело време тврдеше дека не ја земал свесно забранетата супстанца.
По суспензијата, тој сакаше да се врати во професионалниот бокс. Неговиот менаџер Мландели Тенгимфене потврди дека Тете тренира за реваншот што требаше да се одржи на 29 ноември.