Министерот за здравство Клековски самиот призна дека анализите на водата се прават секојдневно. Сега вели дека сака транспарентно да ја информира јавноста ама ќе ги објави дневните анализи за водата во Гостивар дури по два месеци, велат од СДСМ.
„Во Гостивар, од почетокот на кризата, од моментот кога 5.000 граѓани се отруја, па по пет недели, нема ниту еден единствен објавен документ. Сега министерот најавува дека ќе објави резултати и од 2017 и 2019 година. Каков апсурд. Наместо да ги покажат резултатите од денес, од вчера, од минатата недела, тие сакаат да прават кампања со податоци стари седум и девет години. Исто како со економијата. Истата метода: споредба со 2022 година – најлошата можна година, за да изгледа подобро она што е лошо. ВМРО-ОКГ не се грижи за граѓаните“, велат од СДСМ.
Ја обвинија власта дека повторно работи кампања наместо да покаже грижа.
„Престанете веќе со кампањата против опозицијата. Две и пол години сте на власт. Никој друг не е виновен освен вас. Не можете вашата неодговорност и неспособност да ги оправдувате со резултати од 2017 година. Не си ја работите работата. Обвинителството треба да си ја работи својата и некој конечно да одговара за ова“, велат од СДСМ.