Претставници на Агенцијата за филм беа во работна посета во студиото за анимација „Тун Моушн студиос“ за време на процесот на анимирање на филмот „Лефти и Рајти си најдоа дом”. Посетата имаше за цел да ја покаже континуираната поддршка на Агенцијата за филм во создавањето на содржини наменети за деца.
Ликовите и позадините го добија својот финален изглед, а актерите веќе им ги позајмија своите гласови. Готов е и аниматикот, односно визуелната мапа што ги поставува кадрите, движењата и ритамот на целата приказна. Секој лик е целосно ригуван и подготвен да оживее, а во моментов сцените од „Лефти и Рајти“ веќе се претвораат во вистинска анимација.
„Ретко има детски анимирани филмови и анимирани филмови воопшто, затоа како Агенција за филм покажуваме особен интерес кон овој проект кој за цел има да ја привлече најмладата публика и да ја насочи кон следење на оригинални содржини во македонска продукција, изјави директорот на Агенција за филм, Сашко Потер Мицевски.
„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е во режија на Илија Тодоровски, во продукција на зАнимација Продукција, а во копродукција на „Minya Film i Animacija“ од Хрватска. Приказната и ликовите се според сликовниците Лефти и Рајти, на Наташа Дукоска, која е и сценарист. Поддржан е од Агенција за филм, и од Хрватскиот Аудиовизуелен Центар (HAVC).