Едукативниот ден е дел од подготовките на македонската делегација за настапот на најголемиот медитерански спортски собир, кој ќе се одржи од 21 август до 3 септември во Таранто, со цел спортистите да добијат дополнителни знаења за полесно справување со предизвиците што ги носи настапот на голем меѓународен спортски настан
Во рамки на завршните подготовки за настапот на Македонската олимписка делегација на Медитеранските игри Таранто 2026, Македонскиот олимписки комитет денеска организираше едукативен ден за спортистите и членовите на придружниот персонал на делегацијата.
Преку двете интерактивни сесии, членовите на делегацијата добија практични информации и знаења кои ќе им помогнат полесно да се справат со предизвиците што ги носи настапот на голем меѓународен спортски настан – од препознавање и избегнување на ризици поврзани со анти-допинг правилата, до подобра концентрација, справување со притисокот и одржување на менталната стабилност пред и за време на натпреварите.
Првиот дел беше посветен на анти-допинг едукацијата и чистиот спорт, во согласност со принципите и барањата на Светската анти-допинг агенција (WADA). Доц. д-р Ели Ханџиска, член и координатор на Националната антидопинг комисија, специјалист по спортска медицина и доктор на биолошки науки, ги запозна спортистите и придружниот персонал со најважните правила и одговорности, како и со значењето на информираноста и внимателниот пристап кон сè што може да влијае врз нивниот спортски настап.
Во вториот дел, спортистите имаа можност да работат на менталната подготовка, преку интерактивна работилница предводена од проф. д-р Софија Арнаудова, професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и сертифициран тренер за ментални перформанси. Преку практични алатки и вежби, тие работеа на подобрување на концентрацијата, справување со натпреварувачкиот притисок и зајакнување на менталната отпорност.
Едукативниот ден им овозможи на спортистите не само да се информираат, туку и да стекнат конкретни знаења кои можат да ги применат во реални натпреварувачки ситуации. Целта е македонските претставници на Таранто 2026 да пристигнат на Игрите подготвени од сите аспекти – физички, спортски, ментално и со јасно разбирање на своите одговорности како дел од олимписката делегација.
Со ваквите активности, МОК продолжува да обезбедува сеопфатна подготовка на македонските спортисти и да создава услови за нивен сигурен, одговорен и успешен настап на меѓународната спортска сцена.
На Медитеранските игри Таранто 2026 Македонија ќе биде претставена со делегација од 130 членови, од кои 90 се спортисти кои ќе настапат во 19 од вкупно 33 спортови на програмата. Игрите ќе се одржат од 21 август до 3 септември во Таранто, а за Македонија ова ќе биде четврто учество на Медитеранските игри откако настапува како самостојна држава.