Либерално-демократската партија (ЛДП), поради сѐ почестите згуснувања на сообраќајот на патиштата низ државата, бара итно постаување на М-ТАГ уреди на секоја патарина.
„Не ви беа доволни 2 години да ги поставите М-ТАГ уредите на сите патарини во државата? До кога ќе ги малтретирате граѓаните? Секој ден илјадници луѓе патуваат по македонските патишта, а наместо брзо и ефикасно да поминат, чекаат во долги колони поради неажурност и лоша организација“, вели во видео членот на Извршниот одбор на ЛДП, Бобан Јанкоски.
„Го прашувам директорот на ЈП Македонија пат, колку време му треба за да ги постави М-ТАГ уредите на сите патарини во државата? Зарем 2 години не му беа доволни?“, прашува Јанкоски.
ЛДП предлага веднаш и без одлагање да се постават М-ТАГ уредите на сите патарини во државата и да се олесни сообраќајот на сите клучни патишта во Македонија.
„Државата за поставувањето ќе плати еднаш, а придобивките и заштедите на средствата ќе може да ги користи со години“, завршува Јанкоски.