(Видео) Зеленски за првпат во Белград: украинскиот претседател ќе се сретне со Вучиќ – на маса три клучни теми


ziv-screenshot-2026-08-08-090741.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинскиот претседател Володимир Зеленски престојува во Белград, каде што денеска ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ. Двајцата лидери разговарале во неколку наврати во изминатите години, но ова е прва официјална посета на украински претседател на Србија по неколку години.


Зеленски вчера околу 18 часот пристигнал на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, каде што го пречекала министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.

По пристигнувањето, Зеленски порача дека Украина е „секогаш подготвена за конструктивна соработка“.

„Пристигнав во Србија со мојот тим. За денеска и утре се закажани важни разговори – со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Ѓуро Мацут. Ќе разговараме за проширување на економските врски меѓу нашите земји, односите со Европската Унија, други области кои можат да им користат на нашите народи и за безбедносни прашања“, изјави Зеленски.

Вучиќ синоќа приредил свечена вечера за украинскиот претседател.

Свечениот пречек пред Палатата „Србија“ е предвиден за 10:30 часот, по што ќе следува разговор меѓу Вучиќ и Зеленски, а потоа и состанок на делегациите на двете земји.

Во 12 часот е предвидено потпишување меморандум за соработка во областа на здравјето на животните и безбедноста на храната, а потоа двајцата претседатели ќе дадат изјави за медиумите.

Вучиќ претходно најави дека меѓу главните теми ќе бидат европскиот пат на Србија и Украина, билатералната економска соработка и енергетиката.

Тој нагласи и дека посетата на Зеленски нема да значи промена на досегашната политика на Србија кон санкциите против Русија.

„Србија ја утврди својата политика пред четири и пол, речиси пет години, ги изнесе своите ставови кои во претходниот период не ги менуваше и така ќе остане до натамошно“, рече Вучиќ.

Фото: Володимир Зеленски/ Икс

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK