Полска води разговори со Соединетите Американски Држави за отворање постојани американски воени бази на својата територија, изјави заменик-министерот за одбрана Павел Залевски, кој ги предводи преговорите.
Во моментов во Полска се распоредени околу 10.000 американски војници – главно на ротациска основа. Според Залевски, Варшава и Вашингтон веќе разменуваат предлози за постепена трансформација на постојните бази во трајни воени објекти.
Разговорите се одвиваат во време кога САД ја преиспитуваат својата воена присутност во Европа и бараат европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана.
Полска, која е една од клучните членки на НАТО на источното крило на Алијансата, издвојува околу пет проценти од БДП за одбраната и вложува милијарди евра во модернизација на вооружените сили, претежно преку набавка на американско оружје.