Во следните два дена, 456 онколошки пациенти ќе добијат парична помош, најави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Водени од искрена грижа и одговорност кон нашите сограѓани, обезбедивме финансиска поддршка за лицата кои водат една од најтешките животни битки. Утре и во текот на наредниот ден, 456 онколошки пациенти кои аплицираа за еднократна парична помош ќе ги добијат средствата на своите сметки“, објави градоначалникот.
Тој информира дека 1.200 пациенти побарале помош и дека нивната документација се обработува со максимална посветеност и одговорност, а исплатата за сите кои аплицирале ќе биде завршена во текот на наредната недела.
„ Ова е, почитувани мои, јасна порака дека никој не е сам. Дека зад секоја борба постои некој што верува, сочувствува и помага. Дека и во најтешките денови постои рака што ќе ве поддржи, збор што ќе ве охрабри и надеж што никогаш не згаснува. Болеста може да го отежне патот, но не смее да ја одземе надежта“, вели Ѓорѓиевски.