„Нѐ исфрли на улица со дете и ни задржа 290 евра“: српско семејство тврди дека доживеало драма на одмор во Грција


leto-odmor-chador-plaza-more-depositphotos_689895676_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Летувањето во Грција се претворило во вистинска драма за едно српско семејство, кое тврди дека сопственик на вила ги исфрлил од сместувањето и им задржал 290 евра за преостанатите денови од престојот.


Случајот анонимно беше објавен во Фејсбук-групата „Grčka Info“, каде авторката детално опиша што се случило, пишува „Телеграф.рс“.

Според неа, сè започнало кога бебето на нивни пријатели, сместени во соседна вила во истиот двор, ненадејно се разболело.

„Нашите пријатели го однесоа бебето на преглед, а нивниот постар син остана кај нас додека да се вратат. Меѓутоа, бебето итно беше префрлено и задржано во болницата во Полигирос поради опасно ниско ниво на натриум во крвта. Детето мораше да остане кај нас за да не биде само во нивниот апартман“, напишала таа.

Бидејќи претходниот ден веќе биле предупредени од сопственикот дека не смеат да примаат гости, таа веднаш по полноќ му испратила порака и му ја објаснила ситуацијата, најавувајќи дека детето ќе преноќи кај нив поради итниот медицински случај.

„Мислев дека ќе има разбирање, но наутро ме пречека шок. Почна да вика, ни се закануваше дека ќе повика полиција и бараше веднаш да го напуштиме сместувањето. Воопшто не го интересираше што се случило. Нѐ исфрли на улица и одби да ни ги врати 290 евра за преостанатите денови“, тврди жената.

Со сопственото дете, старо година и пол, семејството останало на улица среде големи горештини. Не можеле веднаш да се вратат во Србија, бидејќи не можеле да ја преминат границата со туѓо дете.

Привремено засолниште им понудила сопственичката на вилата во која биле сместени нивните пријатели, дозволувајќи им да останат во нивниот апартман.

Драмата завршила кога мајката на болното бебе, на сопствена одговорност, потпишала отпуст од болницата.

„Ги спакував нивните работи, сопругот дојде по нив, ги земавме од болницата и веднаш тргнавме назад. Тие директно од пат продолжија во болница во Србија. Ова што го преживеавме тие два дена не би му го посакала никому“, напишала таа.

По случувањето, таа јавно праша дали туристите во странска земја имаат некакви права и како можат да се заштитат во вакви ситуации.

Објавата предизвика бројни реакции во групата, при што голем дел од членовите го осудија однесувањето на сопственикот на вилата и отворија дебата за правата и обврските на туристите за време на летувањето.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK