Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 2 Август – Илинден.
Во честитката, Сиљановска-Давкова посочи дека на Илинден 1903 година македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република, а во 1944 година, со Првото заседание на АСНОМ, се реализира правото на македонскиот народ на национална држава, во којашто се гарантираат правата на малцинските заедници.
„Низ крвавите страници на тешката историја, испишани со Делчевата мисла, Каревата републиканска визија, Питугулиевата саможртва, Чентовиот трибунски дух и делата на бројни знајни и незнајни јунаци, натопени со реки од солзи, се градеше и обликуваше македонската република. Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци. Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет? Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците? Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?“, наведува претседателката.
Таа порача дека денеска, без оглед на етничката, верската, политичката или партиската припадност, треба да се работи на изградба на демократска и правна држава.
„Мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро. Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани“, порача претседателката.