Додека Европа и Азија се соочуваат со рекордни топлотни бранови, суши и пожари, научниците предупредуваат дека климатизацијата сама по себе нема да биде доволна за да се справиме со сè почестите екстремни температури.
За време на топлотниот бран во Европа кон крајот на јуни 2026 година биле регистрирани повеќе од 10.000 прекумерни смртни случаи, односно смртност над очекуваното ниво од сите причини. Историјата покажува колку опасни можат да бидат екстремните горештини – летото во 2003 година во Европа се поврзува со повеќе од 70.000 смртни случаи, а за 2022 година се проценуваат околу 61.672 смртни случаи поврзани со високите температури.
Поради тоа, ладењето на домовите и зградите повеќе не е само прашање на удобност, туку станува прашање на јавно здравје и безбедност.
Светот троши сè повеќе струја за ладење
Клима-уредите се најчестото решение, но нивната масовна употреба создава нов проблем – огромна потрошувачка на електрична енергија.
Според прегледниот труд објавен во списанието „Nature Reviews Clean Technology“, ладењето на зградите веќе троши околу 10 проценти од глобалната електрична енергија.
Меѓународната агенција за енергија (IEA) проценува дека бројот на климатизери во светот може да се зголеми од 1,6 милијарди денес на 5,6 милијарди до 2050 година.
Експертите: Не можеме да се спасиме само со клима-уреди
Научниците предупредуваат дека зависноста само од климатизацијата може дополнително да ги оптовари електроенергетските системи.
„Од климатските промени не можеме да се извлечеме само со клима-уреди. Ако секоја зграда целосно зависи од механичко ладење, ќе создадеме огромен притисок врз енергетските системи и ќе додадеме уште топлина во градовите“, предупредува професорот Матеос Сантауриc од Универзитетот Нов Јужен Велс во Сиднеј.
Заедно со Константина Василакопулу од Универзитетот RMIT, тој анализирал различни методи за намалување на температурите во објектите без голема потрошувачка на енергија.
Зградите може да се разладуваат и без струја
Еден од главните концепти што го предлагаат научниците е пасивното ладење – техники со кои се спречува прегревање на зградите пред воопшто да се вклучи клима-уредот.
Меѓу решенијата се:
– надворешни сенки и ролетни што го спречуваат директното сончево зрачење;
– светли покриви и фасади кои ја одбиваат сончевата енергија;
– подобра топлинска изолација;
– природна вентилација преку ноќ;
– нови материјали што ја испраќаат топлината назад во вселената.
Според анализите, во топли региони со правилно проектирање на зградите потребата од ладење може да се намали и до 80 проценти.
„Кровови што ја враќаат топлината во вселената“
Една од најинтересните технологии е таканареченото радијациско ладење.
Научници развиваат материјали кои ја одбиваат сончевата светлина, но истовремено испуштаат топлина преку инфрацрвено зрачење кон вселената.
Истражување објавено во списанието „Nature“ во 2014 година покажало дека таков материјал можел да одбие 97 проценти од сончевото зрачење и на директно сонце да биде речиси 5 степени Целзиусови поладен од околниот воздух.
Други тимови развиваат специјални премази за покриви кои одбиваат до 99 проценти од сончевата енергија и можат да ја намалат температурата на површините за неколку степени.
Клима-уредите дополнително ги загреваат градовите
Иако климатизерите спасуваат животи во екстремни услови, тие имаат и негативен ефект – ја исфрлаат топлината надвор.
Истражувањата покажуваат дека во густо изградени урбани средини отпадната топлина од клима-уредите може да ја зголеми температурата на воздухот за 1 до 2 степени Целзиусови.
Во исто време, токму за време на најголемите горештини може да има проблеми со производството на електрична енергија поради суши и ниски водостои.
Иднината е во комбинација на решенија
Експертите не предлагаат укинување на климатизацијата, туку промена на начинот на кој се користи.
Прво треба да се спречи загревањето на зградите, потоа да се користат природни методи за разладување, а климатизерите да се вклучуваат само кога се неопходни.
Соочени со сè пожешка клима, научниците велат дека иднината нема да биде само во „посилни клима-уреди“, туку во попаметни згради кои сами ќе трошат помалку енергија за да останат ладни.