Т Арена официјално го започнува своето ново поглавје. Од денес, најголемата спортска сала во Македонија, којашто функционира во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, започнува да работи со ново име, нов визуелен идентитет и визија да биде водечка дестинација за најголемите музички, спортски и културни настани во земјата.
Почетокот на новата сезона во Т Арена ќе биде одбележан со голем музички настан за сите граѓани, посветен на јубилејот 35 години независна Македонија во рамките на програмата на Владата на Република Македонија. На 2-ри септември, Т Арена ќе биде домаќин на концерт на македонски уметници којшто ќе биде реализиран со поддршка од Македонски Телеком. Деталите за програмата ќе бидат соопштени дополнително од страна на организаторот.
„Нашата улога отсекогаш одела подалеку од технологија. Ние сме дел од ова општество и затоа сум особено горд што новата приказна на Т Арена започнува со настан посветен на 35 години независна Македонија – јубилеј што им припаѓа на сите граѓани. Т Арена е наша заедничка визија и верувам дека ќе стане место каде што ќе се одбележуваат уште многу важни јубилеи, ќе се слават големи спортски успеси и ќе се создаваат нови приказни што нè поврзуваат како општество.“- изјави Горан Марковиќ, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
„Ова партнерство претставува важен чекор во развојот на Т Арена и потврда за нашата заедничка определба да инвестираме во нејзината иднина и во постоечките капацитети на целокупниот Спортски центар „Борис Трајковски“. Почнавме со нов инвестициски циклус за зајакнување и проширување на капацитетите, а планираме и новитети коишто ќе бидат од големо значење за сите посетители. Особено ми е драго што Т Арена ќе продолжи да го гради својот статус во најголемиот спортски центар во земјата којшто е дом на речиси сите спортски селекции, како и место каде што се одржуваат најголемите концерти и културни манифестации.“- изјави Данијел Апостолоски, Директор на СЦ „Борис Трајковски“.
Со почетокот на работата на Т Арена, Телеком воведува и нови придобивки за своите корисници. Преку програмата Magenta Moments, корисниците ќе добијат 20% попуст за користење на капацитетите коишто ги нуди СЦ „Борис Трајковски“, како и други поволности и искуства во Т Арена.
Македонски Телеком веќе 25 години е дел од најзначајните музички, спортски и културни иницијативи, а преку Т Арена дополнително ја потврдува својата долгорочна определба да создава нови вредности и искуства за граѓаните.






