Владата на Црна Гора донесе уредба според која граѓаните на земјите кои претставуваа несовпаѓање помеѓу визниот режим на Црна Гора и Европската Унија – Белорусија, Кина, Русија, Саудиска Арабија и Турција – ќе треба да имаат виза за влез во Црна Гора од 1 ноември 2026 година.
Ова денес го објави Министерството за надворешни работи на Црна Гора, откако Владата на таа земја на 23 јули 2026 година ја донесе Уредбата за измени на Уредбата за визниот режим, пренесуваат медиумите во регонот.
Министерството понатаму наведува дека Црна Гора целосно ја усогласила својата визна политика со визната политика на Европската Унија, што им го олеснило на граѓаните на многу земји поднесувањето барање за црногорска виза.
„Црна Гора целосно ја усогласи својата визна политика со визната политика на Европската Унија, со што исполни еден од последните критериуми за затворање на Поглавјето 24 од преговорите – Правда, слобода и безбедност, како и една од клучните обврски од Агендата за реформи. Ова ја потврдува посветеноста на нашата земја на европските интеграции, а создадени се услови за повлекување на околу четири милиони евра во рамките на Европскиот план за раст за Западен Балкан“, објавуваат црногорските медиуми.
Како што е наведено, иако хармонизацијата на визниот режим подразбира дека на граѓаните на одредени земји во иднина ќе им треба виза за влез во Црна Гора, Министерството за надворешни работи интензивно и систематски презема активности што ќе ги ублажат можните негативни ефекти од овие промени, а во исто време презема мерки за да го направи процесот на добивање црногорска виза што е можно поедноставен и подостапен.
„Најважната вест за граѓаните на земјите на кои им е потребна црногорска виза е тоа што повеќе не мора да го поднесуваат барањето исклучиво во дипломатско-конзуларните претставништва на Црна Гора. Благодарение на соработката со компанијата „VFS Global“, водечкиот светски партнер за обезбедување визни услуги, барањата за издавање црногорска виза веќе можат да се поднесуваат во центрите за аплицирање „VFS“ во Индија, Бангладеш, Киргистан, Азербејџан, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Русија. Во наредниот период, центри ќе бидат отворени во Пакистан, Кина, Ерменија, Казахстан, Филипините, Катар, Саудиска Арабија, Бахреин, Белорусија, Непал и Узбекистан, додека се планира понатамошно проширување на мрежата кон Јордан, Кувајт, Тајланд и Индонезија“, се наведува во соопштението.
На овој начин, истакнува Министерството, странските државјани ќе можат да аплицираат за црногорска виза во најблискиот центар за аплицирање „VFS“, без потреба да патуваат до црногорските амбасади или конзулати, што значително ќе ја поедностави постапката и ќе ја направи побрза и подостапна.
„Во исто време, Министерството за надворешни работи спроведува еден од најзначајните проекти во областа на управувањето со визната политика – воспоставување на нов, современ Визен информативен систем, кој ќе биде целосно компатибилен со информациските системи на Европската Унија и усогласен со Шенгенските безбедносни стандарди“, се наведува во соопштението.
Беше истакнато дека крајната цел на овој проект е воведување на електронски визен систем („е-Виза“), кој ќе овозможи барањата за виза да се поднесуваат електронски, со побрза обработка на апликациите и поефикасна услуга за странските државјани.
„Со хармонизирање на визната политика со Европската Унија, Црна Гора исполнува една од важните обврски на патот кон членство во Европската Унија, а во исто време го модернизира визниот систем и го олеснува пристапот до нашата земја за граѓаните на бројни емисиони пазари. На овој начин се зајакнува безбедноста, дигитализацијата на јавната администрација и конкурентноста на Црна Гора како туристичка и инвестициска дестинација“, се наведува во соопштението.