Руското Министерство за вонредни ситуации соопшти дека на планината Елбрус се пронајдени телата на двајца планинари од Босна и Херцеговина, додека по уште тројца членови на групата се трага и се стравува дека и тие настрадале.
Двајца планинари биле спасени. Седумчлената планинарска експедиција од Босна и Херцеговина била зафатена од снежна бура за време на искачувањето на Елбрус. Еден член на групата успеал самостојно да се спушти и да побара помош, додека друг бил пронајден и евакуиран од припадници на спасувачките служби. Двајцата се медицински згрижени, се наведува во соопштението на руското Министерство.
Спасувачите успеале да пронајдат тела на двајцата настрадани на Елбрус, на надморска височина од околу 5.350 метри. Се уште нивните тела не може да бидат извлечени поради силниот ветер, слабата видливост и исклучително неповолните временски услови.
Во тек е потрага по уште тројца планинари, чија судбина се уште не е позната.
Руското Министерство за вонредни ситуации објави и видео-снимка од Елбрус што ги покажува исклучително тешките услови во кои се одвива спасувачката акција.
Претседателката на Планинарско-спортското друштво „Златен крин“ од Сараево, Памела Бејдиќ, чиј тим вчера безбедно се спуштил од планината Елбрус, за „Дневни аваз“ изјавила дека планината технички не е особено тешка за планинарите, но дека опасност претставуваат наглите промени на временските услови и температурите.
Планината Елбрус се наоѓа во масивот Кавказ. Нејзиниот западен врв е висок 5.642 метри и се смета за највисок врв во Европа.