Нема да има селективност, ќе се санкционира секој доколку се утврди одговорност за случајот со водата во Гостивар, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Таа кажа дека Владата од првиот момент кога биле добиени информациите за состојбата со водоснабдувањето во Гостивар реагирала брзо, координирано и институционално.
„Веднаш беа активирани сите надлежни институции, воспоставена е постојана координација помеѓу Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и останатите институции кои имаат надлежности во овој процес. Паралелно со преземањето на мерките за заштита на населението, Владата одлучи да обезбеди 50.000 литри вода за граѓаните на Гостивар, со цел во ниту еден момент да не биде доведено во прашање снабдувањето и потребата на граѓаните, како и вчера така и во идните денови ќе продолжиме со оваа помош“, рече Митева.
Таа информира дека надлежните институции се на терен, се спроведуваат инспекциски контроли, се земаат примероци, се вршат лабораториски анализи и се прибира целокупната документација.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности кои довеле до оваа состојба. Било каква одговорност која ќе се утврди, институционална, службена или индивидуална таа ќе биде соодветно санкционирана. Нема да има селективност, ниту компромис кога станува збор за здравјето на граѓаните. Во оваа фаза најважно е јавноста да добива точни, проверени и навремени информации, без шпекулации“, рече Митева.