Во петок (17.7) во склоп на манифестацијата „Скопско лето“ во Лабораториум во Скопје ќе се одигра претставата „Сина сенка“ од авторот Брајан Рејнлодс во режија на Тамара Стојаноска, со почеток од 20:30 часот. Потоа, во август „Сина сенка“ ќе учествува на меѓународниот театарски џез фестивал „Нишвил“ во Ниш, Република Србија(9.8) и на меѓународниот фестивал на алтернативен театар „Корифеј“ во Колашин, Црна Гора(12.8).
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв?
Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски, а комплетната продукција на театар „Златен Елец“ Скопје.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. Премиерата на „Сина сенка“ се случи минатата година во МКЦ Скопје.
Театар „Златен Елец“ најавува уште една мини турнеја низ државата на крајот на месец август со претставата „Теорема, леме“ во режија и адаптација на Мирко Радоњиќ, овој месец независниот театар освен премиерата на „Теорема, леме“ во Скопје ја имаше и премиерата на дуодрамата „Свињи“ во режија на Тамара Стојаноска во Битола.