„На местото на конфискувана парцела, која била наменета за резиденцијално домување, предвидуваме пренамена и изградба на дом за стари лица. Плацовите на Водно конечно ќе добијат намена за обичните граѓани, а не за луксузни апартмани“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на продолжението на 9. Седница, образложувајќи го нацрт планот за Градска четврт Ј 05-Барутана.
Со ова, како што посочува Герасимовски, нацрт планот не отвора нова урбанизација, туку коригира постојно решение во насока што е покорисна за граѓаните и поблиска до нивните реални потреби.
„Со овој план ја исполнуваме нашата предизборна заложба кон повозрасните сограѓани. Наместо елитни апартмани, на оваа локација ќе имаме дом за стари лица, нешто што навистина му е потребно на Центар“, порача Герасимовски.
Урбанистите на Општина Центар појаснија дека новиот нацрт план не го зголемува, туку значително го намалува обемот на градење. Наместо 43.429 квадратни метри, колку што биле дозволени со стариот план, сега се предвидени 29.459 квадратни метри, односно 33% помалку. Дополнително, наместо поткровје, дозволена е градба П+2, а изградбата е ограничена на 40%.
Поради безбедноста на теренот и околните објекти, предвидено е само едно подземно ниво, а зелените површини се зголемени на 40%, што е двојно повеќе од законскиот минимум.
„Не станува збор за ново подрачје што првпат се урбанизира, туку за простор кој со години бил дел од урбанистичко планирање, а сега конечно добива план што е поодговорен, побезбеден и поблиску до потребите на граѓаните“, појаснија урбанистите на Општина Центар.
Предлог одлуката за утврдување на Нацрт детален урбанистички план за Градска четврт Ј 05-Барутана, беше изгласана на денешната седница на Советот на Општина Центар со 13 гласа за и 9 против.