Божиновска: Секој вложен денар во хидроелектраните носи повеќе домашна енергија и поголема сигурност


iam02654.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновскa ја посети хидроелектраната „Глобочица“, каде заедно со директорот на Подружница ХЕС „Црн Дрим“, д-р Гоце Божиновски, извршија увид во работењето на еден од најзначајните хидроенергетски капацитети во државата и разговараа за идните инвестициски активности и развојните планови.


Во фокусот на работната средба беа производните резултати, реализацијата на планот за производство, тековното и инвестициското одржување, како и следната фаза од ревитализацијата на хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“.

Особено охрабрува податокот дека „Глобочица“ веќе има реализирано околу 80 проценти од годишно планираното производство, а само во првата половина од годинава во македонскиот електроенергетски систем испорача 120 GWh електрична енергија – речиси 19 проценти повеќе од планираното.

„Овие резултати покажуваат дека кога се инвестира во домашните производствени капацитети, државата добива повеќе сигурност, стабилност и сопствено производство на електрична енергија. Наш приоритет останува модернизацијата на постојните капацитети, затоа што тие се темел на сигурен и одржлив енергетски систем“, истакна министерката Божиновска.

На средбата беше презентирана и третата фаза од ревитализацијата на ХЕС „Црн Дрим“, која започнува ова лето. Најголемиот дел од инвестициите ќе бидат насочени токму кон хидроелектраните „Глобочица“ и „Шпилје“, каде се предвидени капитални зафати – замена на генератори, ротори, лежишта и блок-трансформатори, модернизација на хидромеханичката опрема и други активности што ќе ја зголемат сигурноста, ефикасноста и работниот век на постројките.

Паралелно се разработуваат и нови развојни проекти, меѓу кои „Глобочица 2“, „Шпилје 2“, пловечка фотонапонска електрана на акумулацијата „Шпилје“, модернизација на регулациониот систем за автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на Охридското Езеро и реката Црн Дрим, како и други проекти што ќе придонесат за зголемување на домашното производство на чиста енергија.

ХЕЦ „Глобочица“, која е пуштена во употреба во 1965 година, повеќе од шест децении претставува еден од столбовите на македонската електроенергетика. Од почетокот на работата до денес има произведено над 10.500 GWh електрична енергија, а преку досегашните ревитализации нејзината инсталирана моќност е зголемена од 34,5 на 42,5 MW.

Министерката Божиновска нагласи дека вложувањата во ваквите капацитети не се само инвестиции во инфраструктура, туку инвестиции во енергетската безбедност, економскиот развој и енергетската независност на државата.

„Хидроелектраните се нашата домашна, чиста и стратешка енергија. Тие ја намалуваат зависноста од увоз, обезбедуваат стабилно производство и претставуваат еден од најсилните столбови на зелената енергетска транзиција. Затоа продолжуваме со инвестиции кои ќе обезбедат овие капацитети сигурно да произведуваат и во следните децении“, порача Божиновска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK