Бројот на жртви од катастрофалните земјотреси што ја погодија Венецуела се искачи на речиси 4.500 во неделата, а владата објави дека повеќе од 19.500 луѓе се сместени во импровизирани кампови. Според најновите бројки објавени од владата на нејзиниот официјален канал Телеграм, бројот на жртви достигна 4.490, околу 150 повеќе од претходниот ден, а 16.740 луѓе се повредени. Бројот на лица што сè уште се водат како исчезнати не е објавен, објавува „Еуроњуз“.
Два земјотреси со јачина од 7,2 и 7,5 степени ги погодија Каракас и крајбрежната држава Ла Гваира на 24 јуни, соборувајќи цели повеќекатници. Кампови се поставени на стадиони, плоштади и тротоари во Ла Гваира и блискиот Каракас за семејства што останаа без покрив над главата. Според владините бројки од неделата, 19.583 лица се сместени во овие кампови.
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, во саботата објави дека владата ќе започне со дистрибуција на станови за семејствата во наредните денови, чија изградба беше во тек пред земјотресот.
Сепак, тој додаде дека ќе бидат потребни значителни средства за изградба на нови станбени единици, обезбедување помош за изнајмување и заеми за купување недвижен имот. Родригез, исто така, рече дека владата во Ла Гваира веќе доделила повеќе од 40 парцели земјиште, со вкупна површина од околу 584.000 квадратни метри, за изградба на нови домови.
Министерот за надворешни работи Иван Гил во неделата на својот Телеграм канал објави дека пристигнала помош од Русија. Американската амбасада, исто така, соопшти дека доставила 100.000 пакети помош до погодените заедници.