Големиот шумски пожар кој со денови беснееше во јужниот дел на Шпанија престана да се шири, откако стотици пожарникари и припадници на итните служби работеа на негово ставање под контрола.
Шефот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, изјави дека ситуацијата е стабилизирана, а гаснењето дополнително е олеснето поради послабите ветрови и високата влажност на воздухот.
На терен сè уште се околу 500 пожарникари, војници и припадници на други служби, чија цел е во следните часови пожарот целосно да биде ставен под контрола.
Според официјалните податоци, огнот уништил околу 7.000 хектари шума и ниска вегетација.
Spanish Guardia Civil confirmed burned-out vehicles seen in Bedar had been used by people who died in the Almeria wildfire while trying to escape the blaze https://t.co/9dHoCkDLoO pic.twitter.com/SfneJ2Zxdj
— Reuters (@Reuters) July 11, 2026
Продолжува потрагата по можни жртви
Спасувачките екипи и волонтери продолжуваат со пребарување на опожарените подрачја во потрага по евентуални дополнителни жртви.
Армијата и полицијата ги пребаруваат и пооддалечените куќи и патишта, каде што би можеле да има луѓе кои останале заробени по ширењето на огнот.
Околу 600 лица кои претходно биле евакуирани веќе добиле дозвола да се вратат во своите домови. Уште околу 1.000 жители кои морале да ги напуштат куќите во четвртокот вечерта, кога избувнал пожарот, сè уште се сместени кај роднини или во хотели.
Загинатите биле опколени од огнот
Најмалку 12 лица загинаа во ноќта меѓу четврток и петок, откако огнот ги опколил додека се обидувале да избегаат со возила или пеш.
Осум лица се повредени во пожарот.
Според првичните информации, се истражува можноста причината за пожарот да биде дефект на далекувод.