Не знам како да почнам со пишувањето на оваа колумна бидејќи климатизацијата (ладењето) на просториите стана тема на политичка борба меѓу партиите во неколку земји од Европската Унија (ЕУ) и пошироко, особено во Франција, Германија, Англија и други. Причина за ова се катастрофалните топлински бранови што во јуни ја зафатија првин југозападна Европа, а потоа и другите делови на исток, а знаеме како беше и во Македонија. Беа објавени информации за неколку илјади починати луѓе повеќе од вообичаените бројки. Најмногу настрадаа постари луѓе како и оние со нарушено здравје. А нови топлински бранови со температури над 40оС ќе има повторно. Зошто? Тие се резултат на климатските промени, а емисиите на стакленички гасови постојано се зголемуваат како резултат на употребата на фосилните горива. Денешниот светски поредок се базира на пазарна економија во која профитот има приоритет пред заштитата на животната средина.
Да се вратам на темата од насловот, дали треба климатизација на просториите, да или не?. Пред очи ми се сликите што ги гледав на телевизиски вести во некои градови во ЕУ во времето на високите температури. Наутро при отворање на продажни места за клима уреди големи турканици од луѓе како грабаат било каков уред за ладење. Но на такви тезги може да има само вентилатори, апарати за ладење со овлажување и евентуално преносни клима уреди. Мал е просторот тука да објаснувам дека со вентилатори не може да се врши климатизација, т.е. ладење на воздухот. Со апарати за овлажување се лади воздухот за неколку степени целзиусови, но за кратко време влажноста на воздухот во просторијата ќе стане голема, речиси неподнослива. Преносниот клима уред врши ладење, но тој има флексибилно црево со дијаметар од околу 15 см кое мора преку отвор во прозорец или ѕид да излегува надвор за да ја исфрлува топлината од просторијата. Плус, има ниска енергетска ефикасност во споредба со класичните клима уреди. Значи турканиците за купување опрема за ладење покажуваат дека луѓето имаат потреба од климатизација.
Климатизација на просториите не е само ладење на воздухот кое се врши во летниот период. Тука треба да се прават и други операции на воздухот со кои се создаваат комфорни услови за престој на луѓето, како што се: греење (во зима), влажење (или одвлажување), филтрирање, вентилација (доведување на свеж воздух) и др. Но да се вратиме само на ладење на воздухот кое е многу актуелно при високи надворешни температури. Постојат разни системи од кои наједноставни се индивидуалните клима-уреди, а најприменети се сплит системите. Постојат и централни системи за климатизација наменети за поголеми капацитети, т.е. поголеми објекти.
Клима-уредите трошат електрична енергија и тоа е причината за полемиката дали треба да се инсталираат или не. Факт е дека најголемиот дел од електричната енергија се произведува со согорување на фосилни горива при што се емитува јаглерод-диоксид (СО2) кој е најголем причинител на глобалното затоплување. Колку повеќе работат клима-уредите, толку повеќе се зголемува глобалното затоплување, односно надворешната температура на воздухот и тоа не е вртење во круг, туку спирала што оди нагоре. Од друга страна, овие услови сè повеќе стануваат „нова нормалност“, побарувачката за ладење ќе се зголемува.
Приближно околу 20% од европските домаќинства имаат опрема за климатизација, во споредба со околу 90% во Соединетите Американски Држави. Застапеноста на климатизацијата зависи од регионот и климата, а поединечно по држави во Европа приближно е: Грција 60%, Италија 50%, Шпанија 40%, Франција 25%, Германија 6%, Велика Британија и Северна Европа 5%. Во следниот период овие проценти забрзано ќе растат не само заради зголемувањето на температурата од климатските промени, туку и заради сé поголемата употреба на топлинските пумпи (клима-уреди) за греење.
Во регионот на југоисточна Азија и Африка каде што има изразено високи температури употребата на клима-уреди е релативно ниска (околу 10%) заради нискиот животен стандард на населението. Но последниве години ситуацијата рапидно се менува кон зголемување на нови корисници. На пример во Индонезија (според IEA), се очекува уделот на населението што поседуваат клима-уреди да се зголеми од 14% во 2023 година на 85% до 2050 година.
Со појавата на топлинските бранови во Европа која не е навикната на такви климатски услови, како што се високи температури над 40оС, а и постојните згради не се прилагодени за живот и работа во такви услови, се водат полемики меѓу главните политички партии. Партиите од десниот блок бараат итно да се инсталираат системи за климатизација за да се намали бројот на починати лица, но и да се создадат нормални услови за функционирање на државата вклучувајќи ги работните простории, болниците, училиштата, домаќинствата итн. Партиите од левиот блок се против инсталирање на системи за климатизација бидејќи тие трошат значително електрична енергија, а таа се произведува претежно со согорување на фосилни горива што е причина за климатските промени. Тие се согласуваат да се инсталира климатизација во болници, домови за стари лица и други ранливи категории. Во сите други (“нормални“) случаи би требало да се преземат мерки за пасивно ладење како на пример: ролетни или настрешници на прозорците, подобра топлинска изолација на ѕидовите, зеленило околу зградите и др.
Какви решенија ќе произлезат од овие политички расправи ќе се види од резултатите на следните избори во тие држави.
По неколку дена ќе биде објавено продолжение на овој напис.
Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор
Машински факултет – Скопје
*Авторот е почесен член на Меѓународниот институт за ладење (IIR) и член на ASHRAE од 2002 г.
10.07.2026