Емоција, моќен вокал и песна што „влегува во уво“, што се вели, уште на прво слушање е новата музичка приказна на Огнен Здравковски насловена „До неба“ што тој деновиве ѝ ја претставува на јавноста. Нумерата носи силна емоција, современ звук и атмосфера што долго останува да се врти низ мислите на оние што веќе ја слушнале.
По период исполнет со многу работа, посветеност и музичко созревање, Огнен се враќа со песна која уште по првите тонови освојува со искреноста и енергијата што ја носи. „До неба“ е спој на модерна продукција, балканска емоција и врвна музичка екипа која стои зад целиот проект.
Музиката и аранжманот се дело на Димитар Андоновски, додека текстот го потпишува еден од најпознатите и најбараните текстописци на Балканот – Милан Милетиќ. Видеоспотот е снимен во Белград, под режија на Никола Шуњевиќ и продукцијата Sneak Media.
Посебна тежина на песната ѝ дава и тимот од врвни музичари кои учествуваа во нејзината реализација. Гудачката секција ја отсвирија светски познатите Istanbul Strings од Турција, за бас гитарата беше задолжен Иван Кукиќ, на тапани е Петар Богосављевиќ, кларинетот е дело на Бурхан Буки, а придружните вокали ги отпеа Сузана Бранковиќ, препознатлива по песната „Поноќ“ од филмот за Тома Здравковиќ.
„На песната се работеше повеќе од половина година и долго време стоеше во фиока, затоа што сакавме сè да биде како што треба. „До неба“ за мене не е само нова песна, туку почеток на едно ново музичко поглавје и на многу проекти што следуваат. Наскоро ќе излезе и нова македонска песна, во сосема поинаков стил од сè што сум направил досега, а веќе влеговме и во студио каде што се работи на мојот нов албум, кој, ако даде Господ, ќе излезе следната година. За тимот што работи на албумот засега нема да откривам многу, нека остане изненадување“, вели Огнен.
Со „До неба“, Огнен Здравковски уште еднаш покажува дека искрената емоција и добрата музика секогаш го наоѓаат патот до публиката.