Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат нови правила за користење на електричните тротинети.
Со измените, донесени по скратена постапка, максималната дозволена брзина за електричните тротинети се ограничува на 20 километри на час.
Законот предвидува и зголемување на минималната возраст за управување со електричен тротинет на 18 години.
Воедно, се заострува казнената политика, при што освен парични казни, во одредени случаи е предвидено и одземање на електричниот тротинет. Оваа мерка ќе се применува доколку со тротинет управува малолетно лице, ако се надмине дозволената брзина, ако се превезува друго лице на возилото или ако возачот управува под дејство на алкохол.
Со законските измени се усогласуваат и прекршочните одредби со новите правила, а целта е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на прекршоци и сообраќајни незгоди во кои учествуваат електрични тротинети.