На комисиска расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го образложи амандманот поднесен од пратеничката група на Левица со кој се бараше забраната за рекламирање на коцкарниците да се прошири и на спортските клубови, културните и младинските настани, медиумите, интернет порталите, социјалните мрежи, како и на јавните личности и инфлуенсерите.
„Да ја искористиме шансата да регулираме голем проблем во Македонија. Маркетингот во коцкањето стана сѐ пософистициран. Некогаш коцкањето беше ʼнешто за посебни луѓеʼ. Денес се рекламира на начин да стане нормален дел од животот, да биде нормална социјална активност“, истакна пратеникот.
Мециновиќ посочи дека токму поради тоа, рекламирањето не влијае само врз оние кои никогаш не се коцкале, туку и врз зависниците кои се обидуваат да закрепнат, како и врз децата кои преку спортот, клубовите и јавните личности добиваат порака дека коцкањето е општествено прифатливо:
„Рекламирањето на коцкањето, прво, на тие кои коцкаат ги потсетува повеќе да коцкаат. На тие кои пробуваат да се опорават од коцкање им дава тригери повторно да се коцкаат. Не им давате на луѓето да се опорават од коцкање. Може ли да изгласаме да не може да се рекламираат коцкарници во Македонија? Е толку е просто прашањето.“