Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“ денеска постхумно ја одликуваше Наде Проева со Орден „8 Септември“, за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија како врвна и светски призната историчарка, професорка и авторка.
Во своето обраќање на свеченоста, Сиљановска-Давкова рече дека со доделување на орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание на една од најзначајните личности на македонската историографија, научничка од европски и светски ранг.
Таа истакна дека книгите и студиите на Наде Проева не се значајни само поради оригиналните и нови сознанија, туку зашто потсетуваат на она што денес сѐ почесто го забораваме: дека знаењето не никнува од убедувањето, туку од истражувањето; дека не се темели на претпоставки, туку на релевантни извори; не произлегува од желби, туку од аргументи.
Според неа, нејзиниот научен труд не се гледа и препознава само во книгите и студиите што ги напиша, туку и во грижата за научното наследство што го остави зад себе, меѓу другото и преку уредувањето на едициите: Historia Antiqua Macedonica и Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica.
„Историјата за неа не беше бегство и засолниште од сегашноста. Нејзиниот научен интерес никогаш не остана затворен меѓу страниците на стручните списанија и академските конференции. Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот. Нејзините колумни имаа просветителски карактер и учев од нив“, рече претседателката.
„Имав привилегија да ја познавам Наде и да се дружам со неа во Скопје, во Охрид или во градината на семејната куќа во Ресен. Ме восхитуваше нејзината љубопитност, остроумност, луцидност, храброст, креативност, бескомпромисност, остар јазик. Беше непресушен извор за мене, рудник на знаење. И по децении истражувања таа не се однесуваше како да ги пронашла сите одговори, туку како човек кој учи, кој сѐ уште си поставува многу важни прашања, бара одговори на нив, личност која вешто дебатира, умно негира, логично проблематизира“, рече претседателката во обраќањето.
Орденот ѝ беше врачен на Павлина Проевска, сестра на Наде Проева.
Во рамки на настанот присутните го проследија документарниот биографски филм „Наместо хагеографија“ посветен на Проева.