Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Северна Македонија.
Истовремено, не помина Амандманот 3, предложен од известувачот за Македонија Томас Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од резолуцијата. Наместо тоа, мнозинството европратеници одлучија спорниот текст да остане дел од конечниот документ.
Во ставот 73 Европскиот парламент ја повикува Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија да постигне јасни и опипливи резултати. Притоа се наведува дека толкувањето на историските факти и личности од заедничката историја на двата народа треба да се темели на објективни, автентични и со докази поткрепени историски извори и документи, во согласност со Вториот протокол од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Извештајот детално ги разгледува областите во кои се постигнува напредок и покажува дека земјата јасно се движи по патот кон Европската Унија. Истовремено, нагласува дека сè уште се потребни одредени реформи“, изјави Вајц.
Во документот се посочува дека Северна Македонија заостанува во владеењето на правото, додека уставните измени и понатаму остануваат услов за продолжување на пристапниот процес.
Во конечната верзија на извештајот се наведува дека, и покрај одреден напредок, реформската агенда се спроведува бавно, а институционалните слабости и недостигот од политичка волја ја намалуваат довербата во системот. Посебен акцент е ставен на владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.