Костадиновска-Стојчевска: Македонскиот јазик е игнориран, Гаши да закаже надзорна расправа


bisera-sdsm-pres-sobranie.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска обвини дека власта не го спроведува Законот за употреба на македонскиот јазик и побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да овозможи одржување надзорна расправа за неговата примена.


На прес-конференција, Костадиновска-Стојчевска оцени дека и покрај законската рамка донесена во јануари 2024 година, речиси ништо не е направено за имплементација на одредбите од законот.

„На 23 март 2026 година пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесе барање за одржување надзорна расправа за нефункционирањето на Законот за употреба на македонскиот јазик. Деновиве слушаме дека нема стратегија за македонскиот јазик, нема национална стратегија и национален став за негово негување“, рече таа.



Според неа, македонскиот јазик и институциите задолжени за негова заштита и развој се игнорирани од Министерството за култура и туризам, а и покрај најавите за вработување лектори, ниту една одредба од законот не е суштински спроведена.

Костадиновска-Стојчевска упати критики и до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оценувајќи дека не покажува доволна заинтересираност за унапредување на македонскиот јазик.

Таа предупреди дека јавните несогласувања околу јазичната политика испраќаат лоша порака во период кога, како што рече, е потребен единствен национален став за заштита и афирмација на македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик не треба да биде тема што се споменува само во свечени говори, туку да биде меѓу првите приоритети во културните политики“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

СДСМ најави дека денеска поднесува ургенција до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со барање да се овозможи одржување на надзорната расправа.

„Ова не е политичка битка, туку битка за зачувување и унапредување на македонскиот јазик“, порача Костадиновска-Стојчевска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK