Роберто Манчини е блиску до враќање на клупата на италијанската репрезентација, пишуваат италијанските инсајдери Џанлука Ди Марцио и Николо Скира. Според Скира, Италијанската фудбалска федерација подготвила договор за Манчини до 2030 година, вреден два милиони евра по сезона.
Скира наведува дека Манчини е „на чекор“ од враќање на клупата на четирикратниот светски шампион. Според тие информации, планот е Манчини да ја предводи Италија до крајот на Светското првенство 2030 година, со можност за порано раскинување доколку репрезентацијата повторно не успее во квалификациите.
Оваа пролет, Италија остана без трет последователен настап на Светското првенство. По поразот од Босна и Херцеговина во дополнителните квалификации, селекторот Џенаро Гатузо поднесе оставка, а си заминаа и претседателот на Федерацијата, Габриеле Гравина, и шефот на делегацијата, Џанлуиџи Буфон.
Националната репрезентација привремено ја презеде Силвио Балдини, поранешниот селектор на репрезентацијата до 21 година. Балдини ја водеше Италија на пријателските натпревари против Луксембург и Грција, по што треба да се врати во младинската репрезентација.
Манчини веќе еднаш ја водеше Италија, од 2018 до 2023 година. Најголемиот успех го постигна со освојувањето на Европското првенство во 2021 година, но неговиот прв мандат беше обележан и со неуспешна кампања за Светското првенство во 2022 година, во која Италија не се квалификуваше.
Foto/ Depositphotos