Техеран го обвини Вашингтон дека е директно одговорен за континуираниот конфликт на Блискиот Исток откако претходно Иран и Израел разменија оган за прв пат од прекинот на огнот на 8 април, а проиранските Хути повторно го нападнаа Израел за неколку недели.
„Никој не верува дека ционистичкиот режим (Израел) би презел какви било чекори без претходна координација и соработка со Соединетите Американски Држави“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеј, нагласувајќи ја „одговорноста на Соединетите Американски Држави“.
„Дејствата на ционистичкиот режим во регионот не можат да се одвојат од американската политика“, додаде тој на прес-конференција во Техеран на која присуствуваше АФП.
Израел и Иран започнаа меѓусебни напади откако Исламската Република денеска испали ракети на израелска територија, поткопувајќи го примирјето што е на сила и надежите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување договор за завршување на војната на Блискиот Исток.
Проиранските Хути во Јемен објавија денеска дека лансирале неколку балистички ракети кон Израел, што претставува нивен прв напад врз земјата по неколку недели, објавува германската агенција ДПА. Израелската војска рано утрово соопшти дека е лансирана балистичка ракета од Јемен кон Израел.
Портпаролот на војската на Хутите, Џаџа Сари, исто така најави „целосна блокада“ на бродовите во Црвеното Море што пловат кон Израел или имаат врски со Израел.
Исто така, по израелските напади врз Иран, проиранската милиција во Ирак, Катаиб Хезболах, се закани со свои напади врз американските бази во регионот.
фото/Depositphotos