Прв ИКТ форум Северна Македонија – Грција, потпишан меморандум за соработка меѓу МАСИТ и SETPE


kg707550.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со учество на над 130 претставници на компании, институции и организации од Северна Македонија и Грција, денеска во Скопје започна првиот „North Macedonia – Greece Digital Bridge & Business ICT Forum“, настан посветен на продлабочување на економската и технолошката соработка меѓу двете земји.


Форумот, организиран од МАСИТ во соработка со грчката асоцијација SETPE, ги обедини претставниците на ИКТ индустријата, државните институции и бизнис-заедницата со цел создавање нови партнерства, размена на знаење и отворање нови можности за регионален раст.

Во рамки на свеченото отворање беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу МАСИТ и SETPE, документ кој претставува основа за поинтензивна институционална соработка, размена на искуства и заеднички активности во областа на дигиталната економија, иновациите и технолошкиот развој.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, истакна дека форумот е создаден со јасна цел – да ги поврзе компаниите од двете земји и да создаде конкретни деловни можности.

„Денешниот форум не е само уште една конференција или настан за вмрежување. Тој е создаден со многу конкретна цел – да ги поврзе компаниите, да поттикне директен дијалог и да создаде нови бизнис можности меѓу нашите две земји. Меморандумот што денес го потпишуваме не е крајна дестинација, туку почетна точка за посилна соработка, поголема размена на знаење и повеќе можности компаниите од двете земји да работат заедно“, изјави Димитровски.

На отворањето се обратија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, амбасадорката на Република Грција во Северна Македонија Софија Филипиду, заменик-министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџиски и претседателот на SETPE, Анастасиос Манос.

Во текот на денот учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на презентации, тематски дискусии и над 150 однапред организирани B2B средби насочени кон создавање конкретни деловни партнерства и нови заеднички проекти.

Организаторите очекуваат токму овие средби да резултираат со нови соработки и да придонесат за натамошно поврзување на технолошките екосистеми на Северна Македонија и Грција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK