Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека конфликтот со Иран е завршен и дека САД извојувале победа, тврдејќи дека американските сили ја уништиле иранската воена инфраструктура, дел од ракетните капацитети, беспилотните летала, воздухопловството и воената морнарица.
За време на сослушување во Конгресот, демократската конгресменка Сара Џејкобс ги оспори неговите тврдења, повикувајќи се на разузнавачки проценки според кои Иран побрзо од очекуваното ги обновува своите воени капацитети. Таа му порача дека „војната не е завршена“.
Рубио исто така откри детали од разговор меѓу Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во кој Вашингтон се обидел да спречи израелски напад врз Бејрут во замена за прекин на ракетните напади на Хезболах. Според Рубио, договорот пропаднал откако Хезболах повторно лансирал ракети.
Во меѓувреме, Иран изврши ракетни и дронски напади врз Кувајт и Бахреин, каде што се наоѓаат американски воени бази, како одмазда за претходните американски напади врз ирански цели во Ормускиот теснец.