– По повод одбележувањето на јубилејот-30 години на евн колекција, свечено беше отворена автентична изложба „Тапети“ која обединува дела од богатите збирки на колекцијата на ЕВН Австрија и Музеј на современата уметност – Скопје. Изложбата, со 70 избрани дела од угледни меѓународни и реномирани македонски уметници го отсликува долгогодишното партнерство помеѓу Македонија и Австрија. Поставката ќе биде достапна на македонската јавност до 15 јули.
Евн колекцијата е значајна корпоративна уметничка збирка со фокус на меѓународна современа уметност. Постои од 1995 и создава дијалог меѓу различни уметнички изрази и перспективи и ја отсликува посветеноста на ЕВН Групацијата кон поддршка на културата и креативноста.
На свеченото отворање, покрај менаџментот на ЕВН Македонија, присуствуаше и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Австрија, г. Штефан Шишковиц, министерот за култура и туризам, г.Зоран Љутков, амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Н.Е. Мартин Памер, претставници на институции, културната јавност, деловни партнери и бројни гости.
Во своето поздравно обраќање, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Волфганг Маиер, истакна дека изложбата симболично поврзува два значајни јубилеи – 30 години од евн колекцијата и 20 години присуство на ЕВН на македонскиот пазар. „На прв поглед, енергијата и уметноста припаѓаат на различни светови. Едната го движи секојдневниот живот, додека другата инспирира идеи и емоции. Но и двете имаат моќ да ги поврзуваат луѓето и да создаваат трајни вредности. Горди сме што дел од евн колекцијата, успеавме да ѝ го доближуваме на македонската јавност и придонесуваме кон културната размена меѓу двете пријателски земји“, истакна тој.
Министерот за култура и туризам, г. Зоран Љутков, упати посебна благодарност до сите институции и поединци кои придонесоа за реализацијата на овој значаен културен проект и истакна дека оваа изложба е многу повеќе од претставување на уметнички дела – таа е симбол на долгогодишното пријателство, соработка и заеднички вредности што ги поврзуваат Македонија и Австрија.
ЕВН Македонија, како општествено одговорна компанија, ја препознава културата како важен столб на општествениот развој и моќна алатка за зацврстување на врските меѓу луѓето и народите. Преку својата долгорочна поддршка на културните иницијативи, компанијата останува посветена на создавање вредност не само во енергетскиот сектор, туку и во заедниците во кои делува.









