Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии. Не бараме олеснети правила. Не бараме нешто што не им припаѓа и на другите, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на прес – конференција по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес. Бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани. Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните. Но исто така, денес отворено разговаравме и за реалноста што ја чувствуваат многу наши граѓани. После години чекање, компромиси, очекувања, исполнети барања и чести промени на политичкиот контекст, природно е да во одредена смисла чувствуваат поголема неизвесност, а од друга страна потребна е поголема извесност“, рече Мицкоски.
Токму затоа, додаде тој, денес е потребно лидерство, јасност и доверба. Премиерот кажа дека со Кошта разговарале и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и за отворање нови перспективи за младите генерации.
„Затоа што европската интеграција не е апстрактна политичка тема. Таа за граѓаните значи поквалитетно образование, подобро здравство, ефикасни институции, сигурни работни места, повисок животен стандард и чувство дека иднината може да се гради дома, а не надвор“, рече Мицкоски.