Денес, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со заменик-градоначалникот на Карпош, Неделчо Крстевски, го означи почетокот на реконструкцијата на улица „Загребска“, една од важните сообраќајни артерии во Карпош, која секојдневно ја користат илјадници граѓани.
„Оваа улица има особено значење не само за жителите на Карпош, туку и за сите кои гравитираат кон овој дел од градот, особено имајќи предвид дека токму тука се наоѓа Институтот за респираторни заболувања кај децата – Козле.
Безбеден, функционален и достоинствен пристап до ваква значајна здравствена установа не е луксуз, туку обврска. Станува збор за улица која со години беше во исклучително лоша состојба и чија реконструкција одамна беше неопходна. Денес, конечно, започнува со решавање на овој реален проблем кој предолго ги оптоваруваше граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.
„Со проектот е предвидена целосна санација и уредување на коловозот, со цел да се обезбеди побезбеден, поквалитетен и подолготраен сообраќаен пристап.
Дополнително, ќе се изгради и потпорен ѕид во должина од околу 50 метри и висина од околу 4 метри, со што ќе се зајакне стабилноста на теренот, ќе се зголеми безбедноста и ќе се спречат идни оштетувања и ризици на овој потег“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.