Половина од мандатот на премиерот Христијан Мицкоски поминува без ниту едно остварено ветување во економијата, а народот живее полошо и со помалку пари, обвини Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Според неа, економската политика на Владата доживува целосен дебакл, додека извршната власт се обидува да ја сокрие реалноста преку секојдневна пропаганда и дефокусирање на јавноста.
Алармантни бројки: Реализирани 76% од буџетскиот дефицит до мај
Од СДСМ алармираат за сериозна дупка во државната каса и неконтролирано трошење на буџетските средства.
„Според официјалните податоци од Министерството за финансии, заклучно со 27 мај се реализирани 76 проценти од вкупно планираниот годишен буџетски дефицит. Затоа ѝ се брзаше на власта да го истурка новото скапо задолжување од 260 милиони евра – со грубо кршење на деловничките процедури и злоупотреба на Собранието. Затоа излажа и министерката за финансии, прво не повика да ни објасни па потоа побегна. За две години ВМРО создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, а јавниот долг се зголеми на историски највисоки 11 милијарди евра – долг што ќе го плаќаат идните генерации. Ова не се пари за граѓаните, ниту за капитални инвестиции. Ова се пари за криминалните тендери на расипничката Влада на ВМРО, што душмански ја задолжува државата“, истакна Цветановски.
Стандардот паѓа: Секој петти граѓанин на прагот на сиромаштија
Опозицијата потенцира дека инфлацијата од 5,7% секојдневно го „јаде“ семејниот буџет, а минимална плата од 600 евра нема. Во моментов, за покривање на основните месечни трошоци на едно семејство се потребни речиси 69.000 денари, што значи дека две минимални плати не се доволни за достоинствен живот.
„Нема пари за исплата и за повисоки субвенции за земјоделците. Дополнително, власта на дел од земјоделците им бара да вратат пари назад. Се крати и од студентите – се намалуваат стипендиите за социјални категории, поскапува сместувањето во студентските домови. ВМРО крати од сите, за да има повеќе за нивните криминални тендери и луксузи. За две години го осиромашија народот. Уште во првата година од владата на ВМРО, стапката на сиромаштија е дури 21,9% – секој петти граѓанин живее на прагот на сиромаштија. Нивото на странски инвестиции е намалено за 60%. Бројот на работниците во индустријата за една година е намален за 2,8%. Ова е реалноста што власта секојдневно се обидува да ја сокрие со пропаганда, лаги и дефокус. Мицкоски ги излажа граѓаните а цената ја плаќаат граѓаните, со празни џебови и се потежок живот од ден во ден“, заклучи Цветановски.