19-годишен мотоциклист го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи синоќа на една од прометните крстосници во Скопје. Во несреќата учествувале еден автомобил и два мотоцикли, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според полицискиот билтен, несреќата била пријавена во СВР Скопје во 22:21 часот. На крстосницата помеѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“, се судриле патничко возило „ауди а4“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Х. (31) од селото Визбегово, мотоцикл „бмв“ управуван од М.Ф. (19) од Скопје и втор мотоцикл „хонда хдв“, што го управувал Н.Б. (21) од Скопје.
Во силниот судар, со тешки телесни повреди се здобил 19-годишниот возач на мотоциклот „бмв“, М.Ф. Тој итно бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде им подлегнал на сериозните повреди и починал.
По наредба на дежурен јавен обвинител, полицијата веднаш го лишила од слобода возачот на „аудито“, Н.Х.
На местото на трагедијата бил извршен детален увид од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје.