Најмалку 31 лице загина, а 40 се повредени во силните израелски воздушни напади врз јужниот и источниот дел на Либан. Оваа ескалација доаѓа по предупредувањето од Израел дека ги засилува своите воени операции, и покрај формално соопштениот прекин на огнот. Според либанското Министерство за здравство, жртвите се последица на нападите извршени во текот на вчерашниот ден.
Либанските власти соопштија дека Израел извршил напади на повеќе локации во земјата, вклучувајќи и три силни удари во близина на вештачкото езеро Караун, кое се наоѓа југоисточно од Бејрут.
Управата за реката Литани веднаш предупреди на „катастрофални ризици за жителите, инфраструктурата и виталните објекти“, со оглед на тоа што Караун е најголемото вештачко езеро во земјата и има клучна улога во снабдувањето со вода и електрична енергија во регионот.
Израелската војска потврди дека утрово елиминирала еден припадник на Хезболах во јужен Либан.
По најавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за проширување на копнените операции и засилување на нападите, во Либан сериозно растат стравовите дека израелските сили би можеле повторно да окупираат делови од земјата на подолг период, слично како во 1980-тите и 1990-тите години.