Актерката Ен Хатавеј откри дека десет години тајно се борела со ретка здравствена состојба поради која речиси целосно го изгубила видот. Во интервју кое неодамна повторно стана популарно, ѕвездата на филмот „Ѓаволот носи Прада 2“ детално ја опиша својата борба со рана катаракта (перде на окото) и операцијата со која конечно го вратила видот, пишува „Ин стајл“.
Хатавеј за првпат проговори за ова во подкаст на „Њујорк Тајмс“ уште на 22 април, но видеото дури сега стана вирално. Таа откри дека се соочувала со овој проблем од својата 30-та до 40-та година.
„Не ни сфаќав колку состојбата се влошила сè додека конечно не прогледав во полн спектар“, изјави актерката, која денес има 43 години.
Таа додаде дека на левото око била практично слепа пред да замине на операција. Оваа состојба, освен на видот, сериозно влијаела и на нејзиното ментално здравје и на нервниот систем. Според клиниката „Мајо“, заматениот вид предизвикан од катаракта го отежнува читањето, возењето ноќе и препознавањето на изразите на лицето, а состојбата се опишува како гледање низ „замрзнат или замаглен прозорец“.
Ова признание доаѓа кратко откако актерката реши да им стави крај на гласините дека направила фејслифтинг (затегнување на лицето). Во статија за списанието Elle од 21 мај, Хатавеј објасни зошто почувствувала потреба да ги демантира шпекулациите кои се појавија по нејзиниот затегнат изглед на Оскарите.
По церемонијата, таа објави видео во кое покажа дека за таквиот ефект е заслужна специјална фризура со скриени плетенки, а не хируршки нож.
„Живееме во време кога луѓето со голема сигурност претпоставуваат дека нивното мислење е факт. Понекогаш се во право, а понекогаш не“, заклучи оскаровката, додавајќи дека дебатите во јавноста почнале премногу да го одвлекуваат вниманието.
Фото: Depositphotos